Трејсер студија е стандардизирано испитување на јавното мислење (во писмена или усна форма) на завршени ученици/студенти и истото се спроведува во одредено време по завршувањето или кон самиот крај на образованието.

Темите на овој вид студии може да бидат различни, но најчесто тие вклучуваат прашања за:

  • Образованието (како на пример за струката/студиската програма, степенот на образование/стекнатиот сертификат, компетенциите, условите на учење, институцијата);
  • Премин кон вработување или понатамошно образование/обука (како методи на барање работа, време поминато од завршување со образованието до првото вработување, услови за вработување кај првото вработување, вид на понатамошно образование и обука);
  • Вработување и работа неколку години по дипломирањето (статус на вработување, вид на договор, работно време, занимање, плата, работни задачи, дејност/сектор, примена на стекнатите компетенции);
  • Лични карактеристики (пол, потекло на родителите, регионална и меѓународна мобилност, образование и работа пред студиите/обуката, стандард на живот).

Голем број од европските земји воспоставиле редовни трејсер студии било на годишно ниво (во Германија, Италија, Холандија, Швајцарија, Обединетото Кралство) или на секои три или четири години (во Франција (Centre d’étudeset de recherchessur les qualifications, Céreq), Германија (Германски Центар за истражување во високото образование и наука - DZHW) и Италија (ISTAT)).

Истражувањето го спроведува Mинистерството за образование и наука.

Македонската трејсер студија се потпира на соработката меѓу училиштата, високообразовните институции и централниот тим за спроведување на студијата. Во изминатите години слични студии биле спроведени во Босна и Херцеговина, Црна Гора, Романија и Србија.

Македонската трејсер студија е ориентирана кон методолошки стандарди и се темели на практични искуства од многу земји. Меѓународните стандарди и искуства се многу важни за развојот на истражувачкиот инструмент – прашалникот на студијата.